Банките попуштија, градежниците никако. Иако неколку банки последниот месец ги спуштија каматните стапки на станбените кредити на историско најниско ниво од 5,5%, а некои дури и подолу за одредени клиенти, градежниците сметаат дека овој олеснет пристап на граѓаните до станови нема да го поевтини станбениот квадрат. Тие исто така информираат дека сега кога ги прават бизнис конструкциите за наредниот период, не планираат ниту поскапување на становите. Ако се зголеми побарувачката на станови, логично е тие да поскапат, а не да поевтинат. Очекуваме раздвижување на пазарот и тоа веќе се чувствува, но непродадени се 30% од становите, а за да се реши овој проблем, потребен е раст на економијата на државата од 7%, кој ние го немаме.
Банките попуштија, градежниците никако. Иако неколку банки последниот месец ги спуштија каматните стапки на станбените кредити на историско најниско ниво од 5,5%, а некои дури и подолу за одредени клиенти, градежниците сметаат дека овој олеснет пристап на граѓаните до станови нема да го поевтини станбениот квадрат.
Тие исто така информираат дека сега кога ги прават бизнис конструкциите за наредниот период, не планираат ниту поскапување на становите.
- Ако се зголеми побарувачката на станови, логично е тие да поскапат, а не да поевтинат. Очекуваме раздвижување на пазарот и тоа веќе се чувствува, но непродадени се 30% од становите, а за да се реши овој проблем, потребен е раст на економијата на државата од 7%, кој ние го немаме - вели Сеад Кочан, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори.
Со вакви прогнози, единствен ќар на потенцијалните купувачи на станови им е тоа што преку пониските камати можат полесно да дојдат до покрив над главата. Кочан посочува на еден нов тренд кај градежниците. Вели дека тие кои годишно продаваат по 500 до 700 станови влегуваат во заеднички проекти со банките и ги симнуваат каматите преку субвенционирање.
- Инвеститорите се освестуваат и сфаќаат дека станот не треба само да се изгради, туку и да се продаде. Затоа, некои ангажираат професионалци, кои смислуваат разни маркетиншки трикови за да се забрза продажбата. Во последно време се зголемува бројот на фирмите кои влегуваат во заеднички проекти со банките со субвенционирање на каматите на свој трошок - информира Кочан.
Тој смета дека не може да се очекува градежниците официјално да објават намалување на цените на квадратот, но вели дека преку субвенционирање на банкарските камати и со помошта што им ја даваат на клиентите побрзо да дојдат до кредит, им го олеснуваат пристапот до стан.
- Тие што имаат пари разговараат за цената на станот, а тие што немаат, за тоа како да дојдат до нив - објаснува Кочан.
На овој тренд за соработка на градежниците со банките укажува и претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Никола Велковски. Тој вели дека за разлика од порано, сега се повеќе фирми влегуваат во заеднички проекти со банките и на тој начин ставајќи ги становите што ги градат под хипотека им овозможуваат на купувачите полесно да ги завршат процедурите за купување на кредит. Тргнувајќи од фактот дека во моментов има голема продукција на станови, како резултат на стопирањето на изградбата на деловен простор за кој нема купувачи, Велковски е поголем оптимист од Кочан околу цените на становите и вели дека е можно тие да паднат.
- Најскап стан е непродаден стан. Според таа логика можно е градежните компании да се решат да ги намалат цените на становите што ги градат - изјавува Велковски.
Деновиве компанијата "Адора Инженеринг" понуди на пазарот свои станови на кредит со, за македонски услови, фантастична камата од 2,5% преку НЛБ Тутунска банка. Генералниот директор на оваа градежна фирма Ванчо Чифлиганец вели дека "Адора Инженеринг" е прва компанија во Македонија која ги воведе ниските камати, со цел на граѓаните со помали трошоци да им помогне да станат сопственици на висококвалитетен еко дом, изграден по европски стандарди. Сепак, тргнувајќи од порастот на цените на градежните материјали и општиот тренд на поскапувања, смета тој, дека нема реална основа за намалување на цената на станбениот квадрат во Скопје и Македонија.
- Но, ниската каматна стапка на станбените кредити, што Адора Инженеринг" ја намали на 2,5%, преку помагање на купувачите во исплата на каматата, всушност директно ги намали цените на квадратот станбен простор, кој со тоа поевтинува за купувачите, кои во првите три години плаќаат дел од цената на станот, намален за субвенцијата - вели Чифлиганец.